Утре Комеморација во чест на Александар Џамбазов, неговиот син Игор сподели апел

Утре ќе се одржи Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов, во Фоајето на Националната опера и балет во 10 часот, а неговото последно испраќање на градските гробишта во Бутел во 12 часот.

Неговиот син, Игор Џамбазов, во објава на Инстаграм се заблагодари за подршката и убавите зборови и извести дека погребот ќе биде од затворен тип, заради ковид-протоколите.

-Сите што ќе сакате да му кажете последно збогум, ќе можете да го направите тоа од сабота, па натаму. Ве молиме за разбирање, порача Игор Џамбазов.

Александар Џамбазов почина на 25. месецов, на 85 годишна возраст. 

Тој  е истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика.

Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Танацовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија.

Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славајче“.

Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија.

Добитник е на голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.