Утре е Бадник, задутре Божиќ - Христос може да се роди во секој од нас!

Утре е Бадник, во недела Божиќ. 

Православните христијани утре ќе се соберат на празнична посна трпеза со семејството, во предвечерието на големиот христијански празник Христовото раѓање-Божиќ. 

Трпезата за бадниковата вечер треба да се посна, но богата. Во мир, слога и со верба дека со Христос ќе се роди нова надеж семејството, според традицијата, дели лепче со паричка, а кај оној кај кого ќе се падне се верува дека ќе биде најсреќен претстојната година. 

Еве што треба да има на бадниковата трпеза:

Лепче со паричка

Лепчето замесено со сода или квасец, има централно место на трпезата на Бадник. Во него се става паричка. По желба, се украсува со фигури како житни класови, цвеќе, крст и друго.

Суви пиперки со грав и/или посна сарма со зелка

Една од најчестите варијации на макало се сувите пиперки со грав или со гмечени варени компири. По желба, можете да послужите и посна сарма.

Овошје (јаболка, ореви, костени, банани, мандарини)

Во минатото на Бадник се кршеле оревите кои биле наречени за секој член од семејството. Ако јатка им е бела и голема, човекот ќе биде здрав и ќе има среќа во текот на годината. Овошјето е симбол на скромноста, но и разновидноста.

Печена тиква 

Важно е трпезата за Бадник да има и нешто слатко за да е благ животот на семејството во текот на следната година. Медот е носител на мудроста на пчелите затоа него можете да го ставите врз печената тиква. 

Посни десерти

Баклава, шеќерпаре, гурабии... Не може да помине празнична трпеза без вкусен десерт.

Лук

Лукот има ритуално значење. Според традицијата, тој штити од зло и болести. Верувањето доаѓа од научните докази за антибиотските својства на лукот.

Секако, не изостанува ниту посната пита со праз, благите пити со јаболка, посни салати, а по желба, може да се подогтви и риба.  

На трпезата и на влезната врата на секој дом треба да има бадникарско дабово гранче за кое се верува дека носи среќа и здравје за целото семејство. Според верувањата во никој случај не треба гранчето да го фрлате во ѓубре. Постарите советуваат гранчињата да ги оставите во шума или парк.

Во најдобар случај треба да ги запалите што го симболизира огнот што Јосиф го створил за да ја загрее пештерата во која се родил Исус Христос. 

Според традицијата, бадникарски огнови се палат во голем број маала и населби, каде исто така се крши лепче со паричка, се пие греана ракија и се слави во пресрет на убавата вест - раѓањето на Христос. 

Најмладите, децата, на Бадник пеат свечени божиќни песни одејќи во поворки славејчи го името господово. По нивната песна тие добиваат коледарски пакетчиња полни со бомбони, мандарини, костени...

Скопска православна епрахија во следните денови ќе ги одбележува Бадник и Божиќ со богата програма

Обичаите за овој голем ден се различни низ земјава, но она што е единствено е да се потсетиме на големината и моќта на нашата вера во добрина, заедништво, љубов кон Бога и кон блиските, радоста за убавата вест - дека Христос може да се роди во секој од нас. 

Кај и да си за Бадник дома да си! Христос се роди!