Укинување на Законот за поддршка на домашната музичка продукција

Собраниската Комисија за култура денеска го разгледа Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција во прво читање и оцени дека е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање. 

Предлагачот на Законот, министерот за култура Роберт Алаѓозовски потсети дека овој закон е донесен од Собранието на Република Македонија во 2013, а се применува од 1 јануари 2014 година. Законот треба да се применува до 31 декември 2023 година, односно за десет години од буџетот на државата би требало да се обезбедат околу пет милиони евра. 

Со законот се уредуваат постапките за поддршка на домашната музичка продукција, преку финансирање конкурси за нови вокално-инструментални композиции. Носител на активностите за имплементација на законот е Македонската радио-телевизија, која преку четири конкурси годишно треба да субвенционира создавање 200 нови композиции, 150 од народната и забавната музика и 50 детски композиции. 

- Ние предлагаме да се укине важењето на овој закон бидејќи досегашната имплементација во пракса не ги даде очекуваните ефекти. Повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием, ниту беа слушнати од пошироката јавност, ниту беа промовирани, а не беа ни често изведувани на МРТВ, рече Алаѓозовски и додаде оти од тука се поставува прашањето за нивниот квалитет и за оправданоста од ваквиот начин на финансирање. 

Покрај неостварувањето на целта на Законот, Алаѓозовски потсети дека на повеќе јавни дебати авторите, изведувачите и МРТВ укажувале дека неговото спроведување покажува слабости и нефункционалност на постапката за избор на композиции. 

Никица Корубин од ЛДП нагласи дека државата во овој закон дефинира што е уметност, а што не. 

- Ова е скандалозно законско решение поради две одредби кои се најконтроверзни-композиции со кои се афирмираат семејни вредности во општеството и многудетни семејства и композиции со кои се афирмира историјата на Република Македонија, рече Корубин. 

Ова е втор закон кој се укинува на предлог на Министерството за култура, по укинувањето на титулата национален уметник.