УХМР предупредува, УВ индексот 9: Препораки за пеколните горештини

Територијата на цела Македонија денеска ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, најави метеоалармот од Управата за хидрометеоролошки работи. Утринските температури ќе се движат од 14 до 22, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 33 до 40 степени.  

УВ индексот ќе изнесува 9. Во Скопје ќе биде сончево и многу  топло со слаб ветер од западен правец. Температурата ќе се движи од 20 до 39 степени.

Поради тоа, Министерството за здравство вчера апелираше граѓаните од цела држава да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, а особено да се внимава при подготовката и консумирањето на храната.

На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат пропишаната терапија. Информации за топлотните бранови континуирано се објавуваат на www.toplotnibranovi.mk

Како што најави УХМР, времето во Македонија ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност, која повеќе ќе биде застапена во источните делови од земјата. Ќе дува слаб, а во западните делови повремено умерен ветер од западен и југозападен правец.