Училиштата се празнат во Аеродром и Центар, првачиња сè помалку

Од оваа наставна година има забележително помалку првачиња во училиштата во општините Аеродром и Центар.  Тоа го покажуваат податоците добиени од неколку општини. Бројот на учениците во прво одделение се намалил и по неколку десетици во однос на минатата учебна година.

Во Аеродром годинава има 829 првачиња, додека лани имало 933 првачиња. Во општината Центар, пак, годинава се запишани 564 деца во прво одделение, додека лани имале 609 новозапишани ученици. Ситуацијата e „нешто подобра“ во Карпош, каде годинава се запишале 691 прваче, односно само 10 помалку од минатата година. Сепак, ако се земе во предвид дека општината опфаќа десет основни училишта и повеќе населени места, тогаш бројката е далеку од солидна.

Наведените податоци укажуваат дека главниот град веќе не е имун на празнењето на училишните клупи. Инаку, трендот на намалување на новозапишаните ученици е продолжение од минатите години и се случува на територијата на целата држава.