Учениците ќе имаат учебници на 1 септември, ветуваат од МОН

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници се испечатени и интезивирана е испораката до училиштата.

- Согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата. Процесот на испорака на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние пак кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб страната на Бирото за развој на образованието во чија и сопственост се истите, соопшти МОН.

МОН апелира до јавноста да ги следи информациите кои се објавени од нивна страна, наместо информации што ги пласираат други страни.