Третиот протест за чист воздух помина со најмала поддршка од граѓаните

Министри покажете ги анализите на мазутот од кој се гушиме, побараа на денешниот протест пред Собрание активистите на иницијативата „Канцерогено општество“.

„Излеговте во контрола на објекти кои се греат на мазут, покажете ги јавно извештаите“, порачаа активистите.

На третиот протест излегоа неспоредливо помал број граѓани во однос на претходните два и покрја апелите на организаторите.

„Не треба посебна покана и посебно здружување со други активисти за заштита на воздухот, сите се повикани и можат да дојдат“, рече Тони Никушевски, екоактивист од движењето за чист воздух, кој нагласи дека за нив е неразбирливо еколошко здружение да молчи кога имаме вакви вредности на воздухот.

Уште еднаш ги повикаа сите надлежни да преземат конкретни мерки за почист воздух.

Јасно и гласно повторија дека најголем загадувач е индустријата и нагласија дека се додека Битола се снабдува со струја преку мазут не сме преземале ништо за подобрување на состојбата.

Клучните барања на иницијативата е решавање на сите жешки еколошки точки во рок од една година, како што се: „Охис“, „Јегуновце“, РЕК „Битола“, „Железара“ и „Дрисла“.

Иницијативата „Канцерогено општество“ со повикот „Да не се молиме, сите знаеме што дишеме, време е да дејствуваме“ ги почна протестите на 26 јануари и најави дека ќе се протестира секоја сабота. Генералните барања на иницијативата се свикување владина седница за квалитетот на воздухот, вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во контролите на големите загадувачи, вклучување на експерти во борбата за почист воздух и поништување на решенијата кои удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени.

Нов протест за почист воздух „Канцерогено општество“ планира следната сабота. Активистите повикуваат на масовност и апелираат намалените вредности за штетни честички во воздухот со зголемувањето на температурите да не ги предомислуваат граѓаните оти конкретни мерки за почист воздух не се преземени.