Тортијада „Слатка мистерија 2018“ во општина Илинден – собрани најмногу средства за лица со посебни потреби

Општина Илинден во соработка со Хуманитарната организација Ангелчиња -ХОА во домот на култура „Илинден“ успешно ја реализираше хуманитарната Тортијада „Слатка мистерија 2018“.

Оваа 12-та по ред манифестација која секоја година се одржува во една од општините од скопскиот регион. Општина Илинден е досега најуспешна по висината на собраните средства кои се наменети за лицата со посебни потреби, членови на здружението „Илинден“.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски изрази голема благодарност до сите учесници, до претставниците на ХОА, до граѓаните и професионалците кои учествуваа во изработката на над 40 торти, до претставниците на општините, како и претставниците на бизнис заедницата кои несебично ја помогнаа манифестацијата.

Притоа, градоначалникот Стојановски организацијата на манифестацијата за следната година им ја предаде на претставниците на општина Чаир.

На манифестацијата учествуваа слаткарници и ресторани кои професионално изработуваат торти, но и граѓани во категоријата аматери. Ревијалниот дел на кој беа изложени сите торти за кои можеа да гласаат присутните беше исполнет со богата културно-уметничка програма подготвена од учениците од основните општински училишта, од учениците од Средното општинско стручно училиште „Илинден“, децата од градинката „Гоце Делчев“, како и членовите на „Академија рекреатива“.

Членовите на стручната жири комисија ги прогласени победниците. Во категоријата аматери првото место го освои Виолета Прцуловска, второто Катерина Блажевиќ, а третото Сузана Ѓоргиевска, додека во категоријата професионалци за најдобра беше прогласена тортата на ООУ „Браќа Миладиновци“, второто место го освои ООУ „Гоце Делчев“, а третото слаткарницата „Делиција“.