Старите дизелаши наместо дизел, користат нафта за домаќинство која е и поголем загадувач

Под итно да се изедначи цената на маслото за домаќинство со дизелот, бидејќи во моментов добар дел од постарите автомобили во земјава за да заштедат наместо дизелот го корисат ова гориво.

Маслото за домаќинство има полоши еколошки карактеристики и е поголем загадувач, но акцизата за него е пониска за разлика од дизелот што значително поскапе од 1 јануари годинава.

На овој проблем беше укажано на форумот што се одржа во Скопје, во МАНУ на тема “Македонска транспортна револуција" во организација на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите.
Учесниците на форумот заклучија дека неопходни се анализи за да правилно да се одредат мерките што треба да се преземат за намалување на загадувањето во државата, а преземањето несоодветни мерки само може да предизвика поголема штета.

За заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули околу 150 града во Европа имаат големи проблеми со загадувањето, но причините за тоа се различни.

– Ако во Европа главна причини за загадувањето е транспортот и возилата, кај нас е греењето, но сепак не треба да се занемари и сообраќајот. Главен причинител за загадувањето од транспортот во Македонија е стариот возен парк, бидејќи дури 65 отсто од возилата се постари од 2002 година. Во земјава има многу малку хибридни ии електрични возила, а многу загадуваат и градежните машини кои речиси воопшто немаат еколошки стандарди, како и приватните автобуси и такси возила – укажа Макрадули и дополни дека за да се намали загадувањето, треба да се преземат долгорочни непопуларни и строги мерки, а не популистички и да се има интегриран пристап со акција во сите сектори, но првенствено преку замена на затоплувањето и подобри еколошки карактеристики на возилата.

Слични се согледувањата на Ристо Јаневски од ОКТА, кои посочи дека големо внимание треба да се посвети на тешките товарни возила за превоз на стоки за индустријата и на автоцистерните за превоз на нафта кои многу загадуваат и се со ниски еколошки стандарди.

– Со употребата на нафтоводот може да се елиминираат автоцистерните, а со подобрување на железнички транспорт ќе се намали бројот на тешките товарни возила – објасни Јаневски и предложи да се изедначи цената на екстра лесното масло за домаќинство со дизелот, бидејќи, како што рече, стариот возен парк овозможува маслото за домаќинство да се користи во дизел возилата, а тоа има многу полоши еколошки карактеристики од дизелот.

Нарин Сахакјан од УНДП смета дека за намалување на загадувањето од сообраќајот е неопходно зголемување на ефикасноста на возилата и електрификација на транспортот преку даночни олеснувања и субвенции.

Студијата за транспорт, анализа на политики и мерки на МАНУ што ја претстави м-р Александар Дединец, предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден диоксид од транспортот. Во студијата се предлага промена на пресметката за еколошки такси за возилата, намалување на акцизата и на ДДВ за возила, како и изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто. Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила.

За м-р Јоже Јовановски од Регионалниот центар за животна средина, дизелот е горивото кое е најголем виновник за лошиот квалитет на воздухот предизвикан од транспортот, а за проф. д-р Милан Ќосевски од Машинскиот факултет во Скопје режимот на движење е клучен за загадувањето.

Професорот Константин Мишев посочи дека Македонија со емисија на 147 грама на јаглероден диоксид по километар е најлоша во Европа и се наоѓа на последното место заради староста на возиниот парк.