Од Сојузот на синдикати на Македонија со информации за правата на работниците за годишен одмор.
На официјалната Фејсбук страница, од Синдикатот информираат за законските одредби и правата на работниците во однос на годишните одмори. Имено, велат дека годишниот одмор може да се продолжи само со колективен договор, но најмногу до 26 односно 29 работни дена.
-Критериумите врз основа на кои се определува времетраењето на годишниот одмор на работниците се утврдуваат со колективен договор, а меѓу нив спаѓаат: времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор. Како денови на годишен одмор не се пресметуваат празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа. Правото на годишен одмор претставува неотуѓиво право на работникот. Работникот не може да се откаже од правото на одмор и ништовна е каква било спогодба со која работникот се откажува од правото на годишен одмор - се вели во објавата на ССМ.