Спиро Ристовски: На ВМРО-ДПМНЕ му е потребно единство, а не раздор

Сакам да верувам дека членството ќе се обедини и оти партијата ќе освои 550.000 гласови, и покрај сегашните методи за изолација на одредено членство преку негово жигосување и отфрлање, вели Ристовски во интервју за ДВ.

Состојбата е загрижувачка бидејќи не се среќни со овој избор. Се чудат, но и се чудам што наш кандидат за претседател стана лидер на некогашниот професорски пленум, без оглед кој во периодот на студентските протести бил во право, а кој не. Односот е двостран. Во партијата не е заборавен 'учинокот' на тој пленум. Реагираат, затоа што главното прашање е дали со овој кандидат партијата може да освои 550.000 гласови. Да потсетам, Иванов беше избран со 500.000 гласови, во услови кога партијата беше на власт и со тренд на растечка доверба. Раководството веројатно смета дека со стабилно гласачко тело и со некаква додадена вредност ќе стигне до резултат. Легитимно е прашањето на членството - со какви математики е направена таа пресметка?, вели Ристовски во интервјуто за Дојче Веле.

Понатаму додава дека раководството на ВМРО ДПМНЕ е во еден вид изолација.

Секој што ќе изнесе и минимум различен став од оној на раководството, веднаш се соочува со етикетирање, девалвирање, жигосување и натамошно изолирање од партијата. А сето ова се случува токму во време кога на ВМРО-ДПМНЕ му е потребно единство постигнато низ разговори, посветеност на членството, и обединување. И по овие мои изјави очекувам да има лавина од фејсбук-статуси на поединци, коишто и претходно ме жигосуваа затоа што имам различен став, вели Ристовски.

Тој додава дека по сите избори во минатото раководството на ВМРО ДПМНЕ понесувало одговорност.

И јас не бев 'кандидат', но како претседател на Изборниот штаб на локалните избори во 2017 година, пред Централниот комитет на партијата ја понесов целата одговорност за изборниот резултат и не преземав никакви други партиски функции потоа. И Груевски се повлече од лидерската функција. Така што, тие тези се спротивни на досегашната партиската практика за елементарна одговорност. Но, најмногу ме разочарува тоа што со ваквите изјави се остава впечаток како партијата однапред да се подготвува за пораз, наспроти сите изјави дека ќе оствари голема победа. Самата филозофија за вакво градење алиби по можен пораз, е исклучително демотиврачка за членството. Нормално е секој да се праша - а за што се бори партијата?, заклучува Ристовски.