Собир на „Комитите“ пред Градскиот стадион во чест на Никола Саздовски

Членовите на навивачката група „Комити“ се собраа на западната трибина на Градскиот стадион во Скопје во чест на починатиот Никола Саздовски кој на 29-ти јуни беше претепан од три лица во Автокоманда, пренесува Макфакс. 

Од Градскиот стадион во Парк, каде Комитите имаа мирен собир, отидоа на погребот на Никола во село Ракотинци.

21-годишниот Никола Саздовски кој беше член на навивачката група Комити, десет дена беше во кома, откако на 29-ти јуни беше претепан од три лица во Автокоманда. Саздовски почина вчера.

„Престана да чука младото комитско срце, не успеа да победи во последната битка. Десет дена срцето лавовски се бореше со сите нанесени повреди и на крај се реши да одмори, да отпатува на подобро место. Саздо беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од сè, заштитени се како никој друг во државава. МВР, ОЈО, НВО-та и некои квази новинари прво се обидоа да го заташкаат случајот и да го пренесат кон друг правец, па од кога беа фатени во лага се обидоа да се правдаат и сето тоа само зошто беше комита и Македонец.

Прости ни Саздо, не успеавме да те заштитиме од нашите душмани. Даваме заклетва дека ќе ја истераме правдата на кој било начин. Ќе останеш засекогаш во нашите срца и во душата на Западот. Еден ден, повторно ќе се сретнеме таму горе и ќе запееме заедно. Сочуство до фамилијата и најблиските“, се вели во пораката на „Комитите“ објавена на Фејсбук.