Граѓански собир пред Собранието по повод Светскиот ден за борба против родителско отуѓување

Граѓански собир по повод 25 Април, Светскиот ден за борба против родителско отуѓување,  ќе се одржи денеска пред Собранието со почеток во 17.30 часот. 

Настанот е организиран од страна на  Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод и е поддржан од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Целта на овој собир е да се укаже на фактот дека сè повеќе деца се предмет на родителско отуѓување, односно влијание на едниот родител за децата да го отфрлат другиот родител. Ваквата тешка злоупотреба на децата е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивното доделување на чување и воспитување на само еден родител.

Предвидено е пред присутните со почеток во 18:00 часот да се обратат Драги Змијанац, основач и претседател на Детската амбасада „Меѓаши“, Весна Петрушевска Бејби, позната актерка и водителка, Наум Рибароски, претставник на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно старателство по развод, Наташа Стојческа, претставничка на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно старателство по развод.

Планирано е за време на собирот да говорат и родители кои на своја кожа го осетиле родителското отуѓување. Својата болна приказна ќе ја сподели родител чие дете веќе подолго време е надвор од земјава и со него нема контакт. Исто така, се очекува преку видеопорака поддршка да дадат и граѓански здруженија од соседните држави.

Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод  своите барања за измена на постоечките закони и пракса ќе ги достави до Собранието и до Владата надевајќи се дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој горлив проблем.