Со субвенционирање на греење на пелети загаденоста на воздухот може да се намали за 17 пати

Надлежните министерства утврдиле дека најмасовното загадување, покрај од индустриските капацитети и автомобилите, доаѓа од печките на дрва, со кои се затоплуваат над 400 000 домаќинства во државава.

Едно домаќинство во Македонија, кое грее просечна површина на станбен простор од 60 квадратни метри, годишно ќе потроши 1, 56 тони нафта која, при согорување, ќе произведе емисија од 0, 527 честички јаглероден диоксид во воздухот. Ако се грее на јаглен, ќе потроши од 2,2 до 4, 8 тони и ќе загади со СО2 со 0,38 честички во воздухот. Со огревна бука и даб со влажност од 15 отсто ќе зачади со 0,03 честички СО2, но ќе треба да купи дури осум тони дрва, додека со дрвен пелет ќе загади само со 0, 021 честички СО2, а ќе треба да купи само три тони пелети.

Количината на ПМ1 честичките што се ослободува при согорувањето на пелети кои се користат за греење во домаќинствата е седумнаесет пати помала од количината на овие честички што се ослободува од согорување на огревно дрво во стар котел на дрва. Бројките велат дека со модерен котел на пелети при согорување на пелети кога се ослободува еден мегаџул топлина се создаваат 6,2 милиграми ПМ1 честички, а со стар котел на дрва при согорување на дрва кога се ослободува еден мегаџул топлина се создава 106,1 милиграми ПМ1 честички.

Ако килограм дрвени пелети чини 12.000 денари, годишно едно домаќинство ќе треба да издвои 45.000 денари за спомната квадратура. Условите и климата во Скопје каде што живее најголемиот број од населението, бараат годишен трошок од 500 евра, велат истражувањата од Министерството за животна средина. Греењето на дрва останува една третина поевтино од греењето на дрвени пелети, но државата ќе стартува со субвенции преку намалување на ДДВ-то, како за специјализираните печки така и за набавка на пелетите.

За да се привлече населението кон овој високоефикасен и многу еколошки начин на затоплување на домовите, и да се намали цената за пелетите по килограм, следните 10 години ќе се намали вредноста на ДДВ за крајните корисници и на печките и на пелетите од 18% на 5 %.

Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со Министерството за здравство и со лекарите од јавното здравство, како и со Министерството за земјоделство, "Македонски шуми", со министерствата за финансии, за транспорт и врски итн. утврдиле дека најмасовното загадување во воздухот, покрај од индустриските капацитети и од автомобилите, доаѓа токму од печките на дрва со кои се затоплуваат над 400 000 домаќинства во државава. Се оди на обезбедување на 20 отсто обновливи извори на енергија во вкупната потрошувачка, што е и обврска на РМ на патот кон ЕУ.

Еден од тие начини е спречување масовна сеча во шумите на обработливо дрво, кое во принцип е влажно, при согорување чади поради таа влага, и ја загадува животната средина.

Дрвото полека ќе се заменува со изработка на производи од остатоците на дрвото кое се сече, односно со дрвени пелети за домаќинствата. Тие се фабрички исушени дрва, без влага, без дим, без пепел, и се користат во специјални печки за пелети. Тие масовно се користат од Германија, Франција и Шведска, до Канада и САД.

Таму се греат цели згради на овие дрвени суровини, па и големи површини земјоделски оранжерии. Бидејќи дрвените пелети се поскапи од огревното дрво, и во овие високоразвиени земји државата цело време субвенционира.

Во истражувањето кое го направило Комитетот за здравје, јасно се означени што се предности, а што не од воведувањето на печките на пелети и системите на централно греење. Во предности не споменавме само дека печките одржуваат температура со вградени дигитални регулатори на просторот. Ефикасноста на старата печка на дрва е 55 % , додека на печките на пелети е над 90%.