Со ноќен радар 108 санкции за брзо возење на територија на цела држава

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатата ноќ, од 22:00 до 2:00 часот, со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови спроведе засилена акциска контрола на територијата на цела држава за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 108 возачи.

Од нив, шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 78 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 30 надвор од населено место.

-Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, се наведува во соопштението од МВР.