Со 5 екипи во смена, најмалку 120 повици дневно и само 6 возила на располагање - вака функционира Брза Помош во милионски град

Со 5 екипи во смена, најмалку 120 повици дневно и само 6 возила на располагање. Вака функционира скопската Брза Помош во милионски град. Немаат доволно и медицински кадар па на помош ги викаат и специјализантите од оваа служба.

- Ова не ни е проблем од сега недостатокот на кадар, тоа е неколку години наназад. Но се снаоѓаме некако, тие што се итни повици ги решаваме, за осатанатите се трудиме да им дадеме совет, препорака, се снаоѓаме некако, вели др. Весна Неделковска од скопската Брза Помош, за Сител.

Во возниот парк имаат 12 возила, но само во половина од нив можат да пренесуваат пациенти. Дел од вработените реагираат дека со таков капациент не можат да работат. Едно од паркираните возила беше и со искршено стакло.

- Имаме 12 ама 5 од нив се во дефект. Тоа се сериозни поправки и ни трошат и од буџетот на Здравствен дом. Се надеваме дека од најавената набавка ќе добиеме возила и ќе го зајакнеме капациентот, вели Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Според европските стандарди, потребно е 15 екипи на Брза Помош во една смена. Во Скопје има трипати помалку. Од 100те вработувања за Здравствен дом кои поминаа на владина седница дел ќе бидат и за итната помош. Имаат најави и за обновување на возниот парк.

Лани за време на предизборната кампања беше ветено дека и скапиот мерцедес ќе биде продаден и ќе купат возила за Брза помош. Но продажбата е стопирана се додека не заврши судскиот процес.