Слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ поттикна голем број родители и деца да дојдат на заедничко дружење во маало

И оваа среда, слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ поттикна голем број родители и деца да дојдат на заедничко дружење во маало.

Настанот кој беше замислен како еден вид работилница преку која децата ќе се запознаат со тајните и правилата на игрите, како плочка, ластик, џамлии и други собра голем број на дечиња во паркот „Капиштец“, велат од општина Центар.

Овој пат децата имаа можност да научат нешто за игрите кои во минатото беа заштитен знак на скопските маала. Играа плочка и криенка, вртеа хулахоп, скокаа на јаже, додаваат од општината, а во рамките на настанот се одржа и ликовна работилница.

Основна цел на проектот „На одмор сум, во Скопје сум – општина Центар мисли на мене“, кој е поддржан од локалната самоуправа, како што посочуваат е од општината, е децата да се едуцираат на интересен начин за време на училишниот распуст и да се поттикнат да излезат надвор од своите домови на заедничко дружење и игра. До сега се одржаа повеќе ликовни, музички и театарски работилници. На секоја од нив присуствуваат по повеќе од 200 деца со нивните родители.

Веќе за наредната среда е закажано и ново дружење во паркот „Капиштец“, кога ќе се одржат драмска и музичка работилница.