На просторот околу Камениот мост, од двете страни, секојдневно од понеделник до петок, а во недела редовно "оперираа" неколку групи измамници познати кај скопјани како кибритчии. Се сеќавате на овие измамници кои "работеа" непречено исклучиво на овие места кога во главниот град има најголема фреквенција на минувачи?

- "Тркалото на среќата се врти, вложи ќерка да добиеш зет" се зборовите кои не на македонски туку на српски јазик се вртат низ Чаршијата и со кои кибритчиите ги мамат лековерните и љубопитни минувачи за да си ја пробаат "среќата". 

Тие работеа во групи најчесто од пет до десет луѓе, со цел побрзо и полесно да ги збунат жртвите и да им ги изпразнат џебовите и паричниците. Заработката е солидна, разработената шема е следна. Еден од бандата "меша" три кибрити на импровизирана тезга или черга. Неколку луѓе меѓу кои најчесто има и жени, и се "случајни" минувачи, почнуваат да се обложуваат на големи суми и во повеќето случи штом се обложат одма добиваат.

Од сите луѓе кои таму минуваат, тие ја чекаат жртвата. Кога ќе се појави лековерен скопјанец за кој веруваат дека ќе наседне на трикот, го опкружуваат, и го наговараат да вложи пари. Сумите кои се во игра се различни, но тие никогаш не ја минуваат долната граница од 500 денари. Првата тура, онака како што е разработениот шаблон, "играчот" секогаш ја добива. Влоговите растат и растат до оној момент до кога е подготвена жртвата да игра. Кога ќе осетат дека е готов да замине, под многу "поволни" услови за крај го тераат да вложи и секогаш во последната "рака" си ги враќаат парите и заработуваат многу повеќе.

Имено, водачот на групата секогаш стои зад измамникот кој ги меша кибритите на чергата, и во моментот кога ќе оцени дека е време и кога жртвата најмалку внимава, наводно во доверба му покажува каде под кој кибрит е топчето. Тој наседнува на трикот, го поклопува "добитниот" кибрит и се е готово. Измамениот го подига кибритот, а топчето мистериозно го снемало. Потоа за да го разубедат подигаат друг од трите кибрит и топчето е таму.