„Скопје го губи и последното зеленило“ - градски парк да се прогласи за споменик на природата

Биологот Кирил Арсовски – Пржо, кој се занимава со истражувања на националниот биодиверзитет и урбаната екологија испрати апел Градски парк во Скопје да се прогласи за споменик на природата.

Пржо вели дека поради интензивното и агресивно урбанизирање на Скопје, сè повеќе се губи и последното зеленило во градот затоа што не се почитуваат ниту основните урбанистички правила и стандарди.

- Со интезивното и агресивното урбанизирање на Скопје, се повеќе се губи и она малку зеленило во градот. Бидејќи не се почитуваат ни основните урбанистички правила и стандарди се појавува потребата Градскиот парк во Скопје, да се прогласи за заштитено подрачје.
- Градскиот парк, како најголема зелена површина во градот е дом на многу видови, мали живеалишта и екосистеми
- Годините на уништување на Скопје, го направија паркот, модерен еколошки рефугиум на сиот жив свет, кој тука го најде последниот простор за мир.
- Според неколкуте спорадични истражувања знаеме дека паркот привремено или постојано го населуваат околу 90-тина видови птици, езерата се дом на многу видови на влечуги и водоземци, а паркот на илјадниците безребетници.
- Зеленилото во паркот има и ретки примери на гинко, багреми и две огромни стари стебла од џиновска секвоја меѓу другото.
- Градскиот парк со своите езерца може да се смета и за еколошко-историски наследник на старите Вардарски ракави, езера, рипариски шуми и влажни ливади што значи чува и дел од старите екосистеми на Скопје.
- Само според библиографската анализа, Градскиот Парк во Скопје заслужува да биде заштитен во категоријата III Споменик на природата според Законот за природа и IUCN.
- Споменик на природата природно или природно-културно обележје од исклучителна или единствена вредност поради неговата реткост, естетски квалитет или културно значење.
- Градскиот парк поради неговото историско, културно, естетско, а сега и еколошко значење ги исполнува условите за оваа категорија.
- Урбани паркови може да се заштитени споменици и тоа не е никаков еколошко-правен преседан, а пример за тоа се: Дворката градина во Сремски Карловци, Каменичкиот Парк во Сремска Каменица, Паркот Бландаш во Кикинда, Жупанискиот парк во Зрењанин и секако Дунавскиот парк во срцето на Нови Сад.
- Со цел заштита на паркот од идни, себични и недомаќински харања и уништувања, МЖСПП и Град Скопје мораат под итно да ги започнат истражувањата на просторот.
- Законска заштита не значи ништо сама по себе ама е прв чекор кон покажување на грижа кон природното наследство, напиша биологот на Фејсбук.