„Револуција“ против асфалтот во Градски парк: Паркот треба да мириса на цвеќиња, не на бетон

Веста дека се асфалтираат патеки во Градски парк ја крена јавноста „на нозе“.

На асфалтот кој ќе се загрева на скопските летни температури местото не му е во паркот каде скопјани бараат спас од летните горештини и урбаниот хаос, велат повеќето.

Во цел свет има патеки од чакал во парковите како природен материјал, реагираат граѓаните.

Од Зелен хуман град веднаш побараа Град Скопје веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а, како што велат, се платени од нашите јавни пари!

- Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи. Темните површини многу повеќе се загреваат од светлите, а со тоа и ослободуваат поголема топлина (а со тоа и емисии) во воздухот. Според јавно достапните научни податоци, црниот асфалт под директна сончева светлина ослбодува и до 300% повеќе емисии!, појаснија од иницијативата ЗХГ.

Еве што велат граѓаните на социјалните мрежи:

- Паркови се садат, не се градат. Паркот треба да мириса на цвеќиња, не на бетон.

- Исто како да се поставени греалки. Само многу помачно. Во град кој се гуши.

-Жими еден парк го имавте и тој ви го асфалтираат. За ова треба револуција. Немриољубива. И оставки на секој еден кој ова го потпишал и одобрил.

- Можеше бекатон плочки да се стават, поеколошки е и поефтино.

- Потребно е масовно пошумување на паркот. Реално е во очајна состојба и многу дрва се исушени. Потребна е акција веднаш за да се спаси овој прекрасен дел од Скопје.

- Асфалт се става само таму кај што треба да поминува гума (автомобилска, велосипедска..) се друго треба само добар тампон, да и се дозволи на земјата да дише. Затоа и треба по парковите да е забрането движење на автомобили и мотори, а јасно да се издвојат велосипедски од пешачки патеки и да се забрани движење со велосипед по пешачки патеки. Во принцип во паркови треба да се минимизира движење со велосипед, парк е за пешачење, велосипед е превозно средство за да се стигне до паркот. Се тоа треба јасно да се означи.

- Покрај асфалтот, во парк на франкофонијата изникна бина која е доста габаритна во сред зеленило и неколку помошни, зошто кога Школка е само на неколку метри! Метар по метар се стеснува целото зеленило и граѓаните со право реагираат и се револтирани!

- Хистерија затоа што се асвалтираат запуштени патеки во прашина и кал како да не виделе асвалтирани патеки во централни паркови од светските метрополи. Очигледно средувањето на паркот на некого не му оди во прилог.

- Изгледа луѓето не биле во парк неколку години, па не знаат дека се правеа вирови, имаше многу прашина и слично, со ова се решава тој проблем.