Скопјанките Драгана и Елена тргнуваат на “Илинденски марш” од Горно Лисиче до славно Крушево

„Илинденскиот марш 2018“  ќе стартува денеска во 17:00 часот од паркот Јане Сандански во Општина Аеродром, која е традиционално покровител на овој Коњички марш, а ќе заврши на 2 август во Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, на коњаниците ќе им го предаде општинското знаме, со што официјално ќе стартува јубилејниот 40. коњички марш организиран од Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Во рамките на манифестацијата дваесеттина коњаници, меѓу кои годинава две девојки, придружувани од играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“ ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Коњаниците се на возраст од 18 до 65 години, а оваа година дел од “Илинденскиот марш” ќе бидат две девојки.

Едната Драгана Каловска беше дел и од ланскиот марш кога успешно пристигна во Крушево. Оваа година друштво ќе и прави Елена Мишева, исто така од Скопје.

Во 19:00 часот коњаницата пристигнува во црквата и почнува вечерната програма. Пред свеченото испраќање на коњаниците од Горно Лисиче, на возраст од 18 до 65 години, во црквата „Св. Петар и Павле“ ќе се одржи свечена литургија и се организира свечена музичка програма каде што ќе настапат познати македонски естрадни уметници.

Во рамките на настанот ќе се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“, која во дворот на црквата  „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе одржи крводарителска акција од 17:30 до 20:00 часот.