Скопјанка: Работното време ни е 8 часа, ние остануваме по 12, никој не се осмелува да си замине порано дома

Работното време од 8 до 16 часот денес се повеќе се чини дека го нема. Со напредната технологија, барањата на шефовите, обемната работа за премалку вработени го диктира темпото за прекувремено рботење.

Се случува додека сме во парк со своите деца со едно око да погледнеме кон нив дали си играат, и веднаш да продолжиме да пишуваме важен документ,  ги проверуваме меиловите додека чекаме да ни се свари кафето или преминуваме на семафори...Веројатно денеска и не постои човек кој не поминал низ ова искуство.

Разговараме со неколку скопјани кои работат прекувремено:

Ивана од Тафталиџе (33), Економист

Кога ме вработија во фирмата ми напоменаа дека работното време е  8 часа. Еден ден почанв да се подготвувам за дома, веќе беше 17 часот, постарата колешка која долги години работи во фирмата ме погледна бледо и ми рече каде тргна, да не планираш дома да си одиш? На почетокот не ми беше јасно, но подоцна сфатив дека наместо 8, ние работиме 12 часа, а шефот секогаш носи дополнителна работа десет минути пред истекот на работното време. Најтешко ми падна кога случајно го слушанв шефот како разговара со свој другар на кој му вели дека во фирамата има неколку ентузијасти кои своеволно работат и на празник. Покрај ова и кога сум дома треба постојано да сум со нив во контакт. Се случува да работам по цели денови, си ги изгубив пријателите. Со колегите одам на работа, јадам, пијам....

Марко од Капиштец (29), ПР - агенција

Се случува некогаш да немаме работа и таман пред истекот на работното време шефот ни пушта меилови на кои веданаш треба да одговориме. Сакам да си отидам порано дома и да имам свој живот, но ситуацијата тоа не го дозволува. Бидејќи мојот шеф е 15 часа на работа, он нема потреба да оди дома.

Марина од Козле (34), Маркетинг агент

Работам неколку години во една фирма, на почетокот сама си задавав задачи и останував прекувремено за да ги завршам. Тоа мојот шеф го увиде, но нажалост не го награди. Оваа навика ми направи проблем, моето доброволно останување прекувремено допринесе и му даде можност на шефот во било кое време да ме бара или да ме остави на работа за да завршам некоја негова задача.

Прекувремената работа претставува работа која се врши преку утврденото полно работно време. Според Законот за работни односи работодавачот може да побара од работникот да врши прекувремена работа во следните случаи:

1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;

2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;

3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;

4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и

5) во други случаи определени со закон или колективен договор.

Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот и за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.

За вршењето на прекувремената работа на работникот му следува надоместок како додаток на основната плата утврдена во договорот за вработување.

Основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за:
– прекувремена работа ………………………………………………… 35%
– работа ноќе………………………………………………………………… 35%
– работа во три смени ……………………………………………………. 5%
– работа во ден на неделен одмор.. ………………………………. 50%

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со  закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога  во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа  зголемена за 50%.

Додатоците, меѓусебно не се исклучуваат .

Правото на зголемен надоместок по основ на работа во три смени работникот го остварува само за ефективно проведено работно време во смени.