Скопјани бараат да им се исплатат парите што ги добија од Град Скопје како субвенции за нов велосипед

Скопјани бараат да им се исплатат парите што ги добија од Град Скопје како субвенции за нов велосипед. За ВЕЧЕР велат дека данокот за велосипедот го добиле, но парите никако да им легнат на сметка.

Од Град Скопје велат средствата се исплатени, но можеби негде имало некоја грешка затоа ги упатуваат граѓаните да се обратат до Секторот за сообраќај. Огласот за субвенции за велосипеди беше објавен во април годинава. Градот одлучи да им исплати најмногу до 3.000 денари како субвенции на скопјани кои ќе купат нов велосипед.

– Бевме меѓу првите стотина кои што купивме велосипед по јавниот повик и добивме одобрение од Град Скопје дека сме ги исполниле условите од огласот и дека не следуваат субвении во износ од 3.000 денари. Сепак од тогаш досега еве веке поминаа шест месеци парите уште не ни се исплатени, а во меѓувреме ни стигна известување дека обврските од данокот за велосипедот се подмирени од Град Скопје, вели скопјанка која сакаше да остане анонимна.

Од Град Скопје велат дека субвенците се исплатени, но посочуваат дека можеби негде настанала некоја грешка, затоа ги упатуваат граѓаните што не добиле пари да се обратот до надлежните сектори.

-Доколку некој од граѓаните што добил субвенција, а смета дека се уште не му се исплатени финансиските средства слободно може да се обрати за во надлежните сектори – за велосипеди во Секторот за сообраќај, посочуваат од Град Скопје.

За јавниот повик за велосипеди беа усвоени 3119 барања за субвенции, а се исплатени околу 9 милиони денари колку што беа предвидени во буџетот на Град Скопје за 2018 година, информираат од Град Скопје.

– Во јавниот повик во делот за субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби беа превидени 1 милион денари, но заинтересираноста беше послаба и дел од средствата предвидени за таа намена останаа неискористени. Планирано е на наредната Седница на Советот на Град Скопје средствата да се пренаменат за субвенционирање на електрични тротинети, изјавија од Градот.

Средствата што Градот ги субвенционира се во износ од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 проценти од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година, беа предвидени 10 милиони денари, од кои девет милиони денари беа предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.

Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство. Претходните години Градот субвенционираше по 4.000 денари додека од оваа година ги намали субвенциите по 3.000 денари за нов велосипед.