Скендеровски: Воспитувана сум да сум горда Македонка

Колку повеќе се почитуваме себеси и го чуваме нашето материјално и нематерјално национално богатство до толку повеќе ќе живееме во своја земја, вели нашата позната пејачка Бојана Скендеровски која е главна иницијаторка и идеен творец на проектот „„Македонијо, во срце те носиме“ преку кој, во нов аранжман, ќе блеснат 12 македонски патриотски песни во изведба на 12 македонски изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика.

- Од дете растев со македонска музика, воспитувана сум да ја сакам својата земја, да сум горда што сум Македонка, да ја запознаам својата земја, за да ја сакам со цело срце… Ги сакам македонските родољубни песни, често ги пеам, но сфатив дека ако тоа го направам заедно со моите колеги, ќе има поголем ефект, ќе биде помоќно и пораката ќе се прошири уште повеќе… Тие сите ја прифатија мојата покана, и професионално ја завршија својата задача, работеа со срце, вели Бојана за Скопје Инфо за идејата и инспирацијата за овој голем музички проект. 

Таа, како што вели, љубовта кон татковината се треба да се негува и пренесува. 

 - Љубовта кон својата земја се учи од моментот кога ќе станеш свесен за светот околу себе, кога ќе го направиш првиот чекор на тлото,тоа треба да биде пренесено од родителите на децата, во училиштата исто така, зошто колку повеќе се почитуваме себеси и го чуваме нашето материјално и нематеријално национално богатство до толку повеќе ќе живееме во своја земја…децидна е Скендеровски. 

На прашањето дали ја иритираат негативни коментари на сметка на патриотските чувства и провокациите дека Македонците се Бугари вели: 

- Не ме иритираат таквите коментари, зошто не се вистина, ние знаеме кои сме и што сме, а тие се понервозни затоа што им треба присвојување на туѓа историја за да имаат што да учат во учебниците, гласи нејзиниот коментар.

Денеска напладне беше промовирана првата песна од овој проект. Станува збор за „Оган да го гори“ во нова изведба на Ламбе Алабаковски.

Васко Скендеровски е продуцент на проектот реализиран од Скендеровски продукција, а меѓу учесниците се: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, а на списокот песни се „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“, „Море сокол пие“, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ …