Сите го поминавме овој Велигден...

Велигден, а полициски час. Кога го објавија ова, сите веднаш се возбудија: Ама како ќе го направиме тоа? И тогаш најјасна ми беше онаа народната: 1000 луѓе – 1000 чуда!

Се распишавме на интернет. Едните се лутеа, другите беа преплашени, трети грмеа, четврти поставуваа прашања. Луѓето се потсмеваа, сечеа, а не мереа, утрото ни е поглупаво од вечерта. Во морето мислења, ќе се појавеше по некое здраворазумско. 

Прочитав еден коментар: „Што е похристијански од тоа да се грижите за своите најблиски?“ 

Како да не отидеме во црква за Велигден? И ете, бидна и тоа. Оваа година беше така. И знам дека овој Велигден сите ќе го помниме. По стравот, исчекувањето, збунетоста. По фарбањето јајца, традиционално. По семејниот ручек, без дружење со пријателите. Разменивме честитки и ги мислевме сите тие работи. Храмот е во срцето сѐ додека љубовта е таму. 

Кога бев дете, секогаш одевме во црква за Велики Петок. Чекавме во редови за да ја бакнеме иконата, да се протнеме под масата и да си замислиме желба. „Сите да бидеме живи и здрави, да завршам со сите петки и секогаш да се смееме.“ Па потоа во пубертетските години, срамежливо се провлекуваше желба за дечкото што ми се допаѓаше. Како Бог да има време за будалестите желби на некое дете. Како што растевме, така некако сѐ се сведуваше на тоа да бидеме здрави. Сѐ друго беше бесмислено да се посака. Сѐ друго, мислевме дека можеме и сами. 

Нашиот радосен Велигден, во црква или на куќниот праг, додека седиме на маса, само да е радосен, да сме со најблиските, да сме здрави и да се сакаме. Зарем не е доволно: Насмеани детски лица и корпа со фарбани јајца? Месен леб, месо, некоја салата, колач... Без телевизија, вести, емисии. Само семејството, а после ручекот сите пиеме кафе и слушаме децата како си играат. И секогаш имаше задолжителен телефонски повик: „Христос Воскресе! Среќен Велигден, пријатели. Како сте?“

Овој Велигден ќе го помниме. По желбата да ги угостиме пријателите, по желбата да се сретнеме, заедно да прошетаме, да се смееме. Овој Велигден највеќе ќе го помниме по луѓето кои највеќе ни недостасуваа. 

Полицискиот час беше како филтер на Инстаграм. Секое чувство може да се изглуми, но оригиналот си е оригинал. Ако сакаш – сака. Како велеше оној поетот: „Принципот е ист, сѐ друго се нијанси.“

Нема врска. Само за да сме здрави. Да се сакаме. Токму сега да се сакаме највеќе, кога баш најмногу си недостасуваме. Па за 10 години, повторно на Велигден, додека седиме на семејната маса да кажам: „Мамо, тато, се сеќавате ли тогаш кога заради короната не можевме да поделиме торта?“ Па да се смееме на тоа. Се проѓа, па и полицискиот час. Важно е да не помине љубовта и вербата. Важно е во срцата да имаме надеж. За тоа треба да се молим.е Сѐ останато лесно ќе пребродиме.