Синдикат на Македонска филхармонија: Филхармонија успеа да се избори за промена на штетната одлука на Министерството за култура

Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ изразува задоволство од промената на владината одлука Џез-оркестарот да не биде сместен во нивните простории и што, сплотени, успеале во оваа битка. Но, потенцира дека немаат намера да ѝ се извинат на јавноста, како што побара од нив министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, туку и се заблагодаруваат за поддршката.

- Единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални. Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички, а ги поддржаа и вработени кои не се членови на нашата синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. Првпат во историјата на нашата институција на иста страна застанаа речиси сите вработени. Ние нема да ѝ се извиниме, туку срдечно ќе и се заблагодариме на јавноста која не поддржуваше во оваа наша битка, на нашата верна публика која доаѓаше на нашите концерти и покрај отворените повици за бојкот, на луѓето од фелата и врвните музичари кои ни дадоа безрезервна поддршка, истакнуваат од Синдикалната организација.

Вработените во Македонска филхармонија посочуваат дека во оваа битка успеале со упорност, аргументи, вистина и единствена сплотеност.

- Не подлегнавме на притисокот, кој беше силен и интензивен, ниту пак се откажавме од нашата борба да си го зачуваме нашиот работен простор, нагласуваат од Синдикалната организација.

Тие упатуваат јавна благодарност до Симон Трпчески и Дино Имери, на поранешните директори на Филхармонија – Мелпомени Корнети, Васил Атанасов, Ганка Самоиловска Цветанова, Кармен Костова и Маја Чанаќевиќ, на диригентите Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Миријан Хухунаишвили, Габриел Бебешелеа, Џорџ Џексон, Вања Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев, на истакнат виолинист и професор Олег Кондратенко, на претседателката на СОКОМ Валентина Велковска-Трајановска, на поранешниот концерт мајстор во пензија – Румен Димитриев, на музикологот Марко Коловски, на колегите од белградска филхармонија и од сараевска филхармонија.

- Овие луѓе храбро и безрезервно застанаа на наша страна, во одбрана на вистината во моменти кога сите беа свртени против нас. Им благодариме од срце, велат од Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ, и воедно ја канат министерката да дојдете на нивен концерт.