Силјановска-Давкова: Македонија може да е мала, но заслужува да биде почитувана како и секоја друга држава

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека за Македонија треба да важат истите критериуми за влез во ЕУ како и за другите земји. Таа истакна дека Европската Унија е единство на различности и дека Македонија, иако мала, заслужува да биде почитувана како сите останати држави.

Силјановска-Давкова реагираше на нејзиното барање за гаранции од италијанскиот претседател Серџо Матарела, дадено за време на посетата на Ватикан, објаснувајќи дека „формулацијата не беше пренесена како што треба“.

„Прво да ви кажам дека тоа е една формулација што не беше пренесена баш како што треба. Кога јас зборував за гаранции со господинот Матарела миселв на оние кои што посегаат по вето. Мислев, пред се, дека ако ние веќе не знам колку пати сме го менувале Уставот и повторно сме се соочувале со нова промена. Крајно време е да знаеме дека ова што ќе се случува од страна на Бугарија е барање со кое може да се остави простор за вето врзано за Копенхашките критериуми меѓутоа не за прашања што се врзани за идентитет, за историја“, потенцира претседателката.

„Впрочем јас денеска немам прилика но и во договорот за ЕУ, особено во преамбулата, и во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаменталните права, јасно е посочено дека ЕУ е единство на различности и дека ги прифаќа идентитетот, интегритетот, особено културниот и националниот идентитет, како нешта за кои не се разговара. Ние во поглед на многу прашања и многу критериуми сме биле исклучок. Крајно време е да се стави крај на тоа. Ние сме мала држава но мислам дека заслужува да биде почитувана како сите останати“, децидна е Сиљановска Давкова.