Си ја сакам татковината, ама не се живее од љубов

Македонија. Убава, мила, една и единствена. Татковина. Тука се родив, тука израснав, тука се школував, тука се оженив, тука створив семејство...

Македонци се баба ми и дедо ми. Татко ми и мајка ми. Јас сум Македонец, и моите деца исто така. Убаво е да си Македонец. Убаво е да ја сакаш татковината, вака ја почнува својата приказна Марјан од Скопје.

Тој е фамилијарен човек, има 34 години, сопруга и две деца. Во април ќе заминат сите во Германија.

-Тешко е да донесеш таква одлука, за да заминеш од својата родна татковина засекогаш. Но, ете, не се живее од љубов кон родната земја. Не е убаво да се живее, кога таа љубов не е возвратена. А јас, и моето семејство го почувствувавме тоа. Тешко е кога не си сакан. Тешко е да сакаш, а да не те сакаат. Е така е со нас, вели Марјан.

Животната судбина, како и на многу други Македонци, го натерала, да и сврти грб на Македонија. Да бара подобри услови за живот за себе и за своите најмили.

-Се сеќавам, пред многу години, кога и татко ми и мајка ми останаа без работа. Времето, онаа кога јас и сестра ми требавме да се школуваме. Времето кога требавме да се одлучиме, и да одиме еден чекор напред. За жал, не отидовме. Едвај имавме за преживување, а не пак за понатамошно школување. Дојде ред сега и јас да имам мое семејство. Се оженив. Ќе работам три месеци, три ќе седам дома. Сопругата дипломиран правник. Плата бедна и мизерна. Не сакам моите деца да ја имаат истата судбина како мојата. Сакам да имаат се, што им е потребно за нормално детство. Сакам да се школуваат, а потоа и да се вработат. Сето тоа е невозможно во Македонија, за жал. Си заминуваме од тука. Ќе си ја сакам татковината, ќе си ја сакам Македонија. Јас секогаш ќе бидам Македонец, ќе го носам патриотизмот во срцето, но ќе барам подобри услови за живот, додава Марјан.