Шаќири: Интеграцијата на предметите нема да значи и помала плата за наставниците, никој нема да биде отпуштен од работа

Реформата на основното образование ќе продолжи согласно предвидената динамика, затоа што ги дава очекуваните ефекти. Предизвици постојат и тие се надминуваат преку заеднички пристап, а во меѓувреме секоја добронамерна сугестија која би можела да го олесни спроведувањето и да ја подигне нејзината ефикасност и ефективност, е добредојдена.

Ова било констатирано на денешната средба помеѓу највисоките претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, како и претставници на СОНК кои се дел од наставничката фела од областа на географијата и засегнати во оваа трета фаза од спроведувањето на планот за реформирање на основното образование.

На средбата беше потврденодека реформата е добро конципирана и ќе продолжи да се спроведува со поддршка од сите засегнати страни, а почестите средби и дискусии можат да помогнат во надминувањето на предизвицитекои би можеле да се појават тековно.

Од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири било посочено дека „ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа, ниту пак ќе добива помала плата поради интеграцијата на предмети која е предвидена со реформирањето“.

- Секој просветен работник чиј предмет кој го предава се интегрира со други предмети од сродната наука, останува на своето работно место, ќе ја добива платата за полн фонд на часови, а дополнително заедно со СОНК ќе се изнајде и заедничко решение личните примања повторно, по трет пат во период од една година, да бидат значително зголемени, посочи тој.