Семејството на Саздо бара 10 милиони денари од обвинетите

Семејството на Никола Саздовски ќе бара оштета од 10 милиони денари од двајцата обвинети на кои им се суди за неговата смрт.

„По извршеното вештачење на вешто лице, невропсихијатар, на петчленото семејство Саздовски кои живеат во семејна заедница, согласно член 57 и 112 од Законот за кривична постапка поднесено е оштетно побарување од 5 милиони денари од првиобвинетиот и 5 милиони денари од второбвинетиот. Овие суми се согласно просечните износи досудени за нематеријална штета за смрт на блиско лице според член 190 од Закон за облигации“, изјави за МКД.мк бранителот на семејството Саздовски Ванчо Шехтански.

За оштетувањето одбраната на обвинетите треба да се произнесат на 25 декември.

Инаку, за денеска закажаното рочиште во Основниот суд Скопје 1 за свирепото убиство на Никола Саздовски е одложено поради болест на еден член на судечкиот совет.