Се слушаат телефонски разговори и се читаат СМС пораки - судење за „Монструм“ без присуство на јавноста

Во кривичниот суд со презентирање на телефонски разговори и СМС пораки денеска продолжи судењето за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро. По одлука на Судечкиот совет, исто како и на минатото рочиште јавноста е исклучена.

Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, на минатото рочиште истакна дека во комуникациите нема ниту една реченица во која има било какви индиции кои упатуваат дека овие обвинети се сторители на делото.

„Убедени сме, а тоа ќе се воспостави и во текот на постапката, дека во комуникациите нема ништо што ги инкриминира овие обвинети за ова кривично дело. Апсолутно ниту еден збор ниту една реченица не ги инкриминира. Ние ги знаеме овие разговори, во нив се секојдневни вообичаени комуникации помеѓу обвинетите. Овие материјали немаат никаква доказна вредност за предметот“, рече Рауфи.

Предметот „Монструм“ од страна на Врховниот суд е вратен повторно во судска постапка од почеток откако на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.

Двајца од обвинетите за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство и се наоѓаат во Косово.

Министерството за правда сè уште нема добиено одговор дали обвинетите ќе бидат екстрадирани.