Сопственици на фирми во комплексот кај “Металски завод Тито” потпишуваат петиција за да се стопира изградбата на фабрика за преработка на медицински отпад во дворот на МЗТ. Како што објави “Макфах”, за ова тие дознале лично од инвеститорот кој ги известил минатата недела и се плашат дека работењето на ваква фабрика ќе има штетни последици.

Од општина Гази Баба за “Макфах” одговориле дека дозволата е издадена во 2014 година и е потпишана од тогашниот градоначалник Тони Трајковски, но, наводно, станува збор за преработка на неопасен отпад.

Станува збор за фирмата „Еко клуб“ ДООЕЛ Битола, чија основна дејност е менаџирање со отпад. Барањето за складирање, третман и/или преработка на неопасен отпад од “Еко клуб” до општината го доставиле на 10 јануари 2014 година.

– Од општина Гази Баба на 17.12.2014 година е издадена потврда од страна на комисијата за изготвување потврди за одредување локации на кои ќе се врши дејноста складирање, третман и преработка на неопасен отпад, потпишана од тогашниот градоначалник Тони Трајковски – стои во одговорот од општина Гази Баба.

Во документите до кои дошле во „Макфакс“ покажуваат дека „Еко клуб“ има договор за соработка со „Дрисла“ за вршење услуги на преработка на опасен медицински отпад.