Самохрана мајка: Бев жртва за своите деца, и секогаш тука за нив, се прашувам со што ли заслужив да се откажат од мене

Мајка, жртва за своите деца. Кога другите ги нема, таа е секогаш тука... И во добро и во лошо, мајката подава рака, дава рамо за плачење, дава поддршка и бодри до крај...

-Кога се родија моите две деца, за кратко време сопругот почина, додека беше на работа во странство. Живевме во село, заедно со неговите. Од тој ден, започна голготата. Од тој ден, неговите почнаа мене и моите деца да не гледаат како непријатели. Маки мачев, со години. После некое време, едено утро си ги земав децата и си заминав кај моите. Имав дома три сестри, немажени. Сестрите се омажија и во домот останав сама со родителите и со моите деца. Моите родители ми беа целосна поддрша и на мене и на моите деца. Почнав да работам, што во тоа време и не беше нешто многу карактеристично жена да работи. Работев во фирмата каде што работеше татко ми, тој беше благајник, а јас работев во кујната. Морав да ги издржувам децата. Моите родители починаа. Осанав јас самата. Самата која што се откажуваше од се, само за да има за моите деца. Работев на едно место, а потоа продолжував да друго. Дома доаѓав доцна навечер. Децата почнаа со училиште. Никогаш не дозволив нешто да им фали. Си мислив секогаш, ах имам двајца синови, ќе истуркаме уште малку, ќе поминат овие тешки денови, ќе поминат маките.

Работев по цел ден, ама на моите синови не им фалеше ништо. Завршија основно, па средно, заминаа и на факултет. Едниот запиша медицина, а другиот правен факултет. Бев горда мајка. Самохрана мајка, која сметаше дека своите деца ги носи на прав пат.

Дојде време, моите синови се оженија. Колку бев пресреќна. Ќе имам снаи, внуци. На среќата и немаше крај. Решија да се преселат, да живеат сами. И двајцата земаа кредит и почнаа да исплаќаат за станови. Ако, не ми пречеше што заминаа од кај мене, сметав дека им е потребен живот, самостоен. Бев среќна, а јас и понатаму работев две работи. Почнав едната плата, да ја задржувам за себе, а другата им ја делев на нив. Мислев, дека им е потребно. Имаат деца, сопруги, плаќаат рати за станови. Па тоа се мои деца, си велев... И се до моментот кога се разболев... Едвај одев на една работа, а не пак на две... И тука започна мојата мака. Нема пари за давање, ги нема ни децата...

Почнаа најпрвин со денови да не ми се јавуваат. Порано секој ден по некој од нив ќе дојдеше да ме види. Ќе ме земеа од работа со автомобил и ќе ме вратеа дома, а сега... Сега сум сама... Има денови и кога не можам да заминам да работа. Сепак живото не беше убав со мене. Кога бев млада не го чувствував тоа многу, но староста си носи свое. Се борам... Моите деца ги нема... Поминуваат денови, недели, немам ниту повик ниту да тропнат на врата. Им вртам јас, се случува да не ми кренат. Ги забораваат празниците... Одам јас кај нив. Седам сама со внуците. Моите деца не ми прават муабет. Чувствувам дека не сум добредојдена...

Едниот познат доктор, другиот познат адвокат... Да бидам ли горда на нив?

Каде ли погрешив. Ова ли се моите деца... Ова ли се децата, за кои се жртвував. Јас, таа која заминав од село, со две мали деца во раце и една мала торбичка... Онаа која се откажа од се, само на нив да не им фали нешто. Онаа која работеше од зори до мрак... Онаа која беше и мајка и татко... Јас бев секогаш тука кога им бев потребна на нив, кога бев здрава, и кога бев способна да работам. Денеска кога тие ми се потребни на мене, ги нема никаде...

Каде ли згрешив, вака ли ги воспитував...