Само 45 проценти од децата во 2 и 3 одделение имаат основни вештини за читање

Вкупно 45 проценти од децата во 2 и 3 одделение имаат основни вештини за читање – т.е. можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две прашања за изведени значења. Додека 68 проценти успеале правилно да ги прочитаат зборовите, само половина точно одговориле на прашањата за изведени значења, покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.

Според истражувањето, 26 проценти од децата во 2 и 3 одделение имаат основни вештини со броеви –
читање и разликување броеви, собирање, и препознавање и дополнување на шеми. Додека 68 проценти успешно разликуваат броеви, само 41 проценти успеале во задачите за собирање и препознавање и дополнување на шеми.

Истражувањето, исто така, покажало дека од децата на возраст меѓу 7 и 14 години, девојчињата ги надминуваат момчињата во основните вештини за читање, 70 проценти од нив имаат основни вештини за учење во споредба со 58 проценти од момчињата. Од друга страна, момчињата покажуваат подобри основни вештини со броеви од девојчињата – 47 проценти наспроти 35 проценти.

Околу 60 проценти од децата на возраст меѓу 7 и 14 години имаат три или повеќе книги за читање дома, со значителни разлики помеѓу децата од најбогатите и најсиромашните квинтили – 96 проценти
во споредба со 18 проценти.

Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.

Со истражувањето МИКС се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој (SDG) и други меѓународни договори.

Техничката поддршка за истражувањето ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада.

Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на Ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува и затоа, во периодот кој следува, ќе објавуваат инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои, како што посочуваат, сакаат да ја претстават сликата за состојбата на децата и жените во Република Северна Македонија.