Сабота - најубавиот ден од неделата, поминете ја со оние кои ги сакате

Живееме брзо и стресно и едвај го чекаме викендот.

Потоа, од понеделник истата приказна. Го мразиме понеделник, се потсмируваме на средина на неделата во среда, а потоа во петок сме среќни бидејќи ни доаѓаат два дена. Но, често не правиме ништо посебно, или минуваме време затворени внатре со технологијата, па наместо да се одмориме, заморот останува со нас и следната недела. Така во круг.

Времето станува посвежо, а есента го најавува своето доаѓање. Можеме да земеме момент, неколку часа да се посветиме на најблиските. Можеби за некои е време за подготовка на зимницата, за други да се проба ново јадење, а за трети прошетка во парк или качување на Водно. Која активност и да ја избереме, најважно е да бидеме блиску и да ги прегрнеме оние кои ги сакаме,  наместо да ја чекаме нивната порака на социјалните мрежи.

Ситуацијата со пандемијата на ковид 19 предизвика оддалечување на многумина едни од други. Голем дел од луѓето се чувствуваат изолирано, осамено, а голем дел се соочуваат и со анксиозност и депресија. Никогаш не можеме да знаеме со сигурност, можеби и некој од нашето најблиско семејство ги чувствува симптомите, но го чува тоа во себе не сакајќи да нè загрижуваат. 

Не се потребни големи планови, не е потребен повод за да ги видиме оние кои ги сакаме. Доволно е само да покажеме дека сме тука за нив, да ги прегрнеме и да ги ислушаме. Но, и да побараме поддршка и да бидеме ислушани кога тоа ни е потребно. Со кого би го направиле тоа, ако не со оние кои ги чувствуваме најблиски до срцето?

Можеби некогаш не можеме да ги решиме сите проблеми и предизвици кои ни ги носи животот, но можеме да го поминеме најубавиот ден од неделата покажувајќи им на другите дека се грижиме и дека сме тука за нив.