Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат денес. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.

„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, рече Филипче.

Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.

По оваа објава родителите почнаа бурно да реагираат на социјалните мрежи, еве дел од коментарите:

Сандра Јосифоска пишува: Нема сила која ќе ме натера да вакцинирам. Кога ќе ми го вратите изгубеното дете, од таа проклета вакцина, е тогаш и јас ќе вакцинирам. Дете ми зема таа вакцина, засрамете се, со ништо не помогна државата! Арам да ви е!!! Колку мајки се замотани во црно од таа вакцина!!

Драган Шареновски прашува: А епидемијата од бактерии што ги фаќаат од загадувањето со која мерка ќе ја спречите или во тоа не гледате проблем?

Ира Чиланчовска вели: Мислите ќе се скриете од системот? Нема шанси уште и казни ќе плаќате. Вклучете се и менувајте ги законите. Само така се доаѓа до општество по мерка на граѓаните.

Даниел Митревски пишува: Денес сите деца кај министерот на чување ние мораме на работа.

Наташа Шутиноска коментира: Сега никој не се нафаќа да факцинира дете среде зима, кога им е најслаб имунитетот.

Ратко Македонски Соколовски вели: Епидемија од 6 случаеви од вкупно 15.000 невакцинирани деца??? Па дали сте нормални каде во Европа се прогласува епидемија од 6 заразени случаеви..

По изјавата на Министерот Венко Филипче, дел од скопските општини на своите Фејсбук профили објавија соопштенија со кои ги информираат родителите дека градинките од денеска не примаат невакцинирани деца од МРП.

Министерството за здравство прогласи епидемија од морбили (мали сипаници) на целото подрачје на град Скопје, со што од утре стапува во сила привремена мерка забрана за носење на сите невакцинирани деца од МРП-вакцината во сите градинки на подрачјето на градот.

Ваквата мерка стапува во сила согласно со член 56 и 57 од Законот за заштита на населението од заразни болести. Населението од ова исклучително опасно заболување може да се заштити со вакцинација, соопштија од Министерството за здравство, од каде што посочуваат дека сите заболени од морбили се невакцинирани лица.

Општина Аеродром апелира до родителите да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, со цел да се заштитат децата од ова заболување и да се спречи понатамошно ширење на епидемијата од морбили.