Според податоците од Државниот завод за статистика бројот на разводи минатата година пораснал за 9.4% во споредба со 2022 година и изнесува 1765 разводи.
Согласно официјалните податоци, општиот впечаток е дека во земјава има сѐ повеќе распаднати брачни заедници, а не е мал бројот и на оние во кои има и деца.
Дали има простор за загриженост околу овие податоци, но и за (не) функционалните семејни заедници и здравјето на децата разговараме со М-р Маја Георгиева Павловски, семеен и системски советник.
Бројот на разводи во земјава минатата година пораснал за 9.4% во споредба со 2022 година и изнесува 1765 разводи. Кој е вашиот став, има ли потреба од загриженост што расте бројот на распаднати брачни заедници?
Во право сте, бројот на разводи од година во година, се повеќе се зголемува. Мојот став во однос на разводите е дека доколку брачните партнери не можат да функционираат повеќе заедно, имаат своја оправдана причина за да донесат одлука за развод, односно да стават крај на заедничкиот живот треба да се разделат. Останувањето во брак кој е нефункционален, брак во кој доминира насилство, кавги, недоразбирања, незадоволство, може да има последици врз здравјето на брачните партнери и врз развојот на децата (доколку има деца ).
Според мене многу погрешно е мислењето дека, доколку има деца, треба да се остане во брак само заради децата. Верувајте дека децата чувствуваат многу повеќе од што ние возрасните можеме да претпоставиме. Децата не го зајакнуваат бракот. Во нефункционален семеен систем тагуваат и возрасните и децата. Во однос на прашањето дали има потреба од загриженост што се зголемува бројот на разводи? Да, има потреба од загриженост од аспект на тоа каков е разводот, односно како се одвива целиот процес на развод. Процесот на развод е тежок, посебно кога брачните партнери имаат деца. Она што мене ме загрижува, а треба да ги загрижи и родителите се децата низ процесот на развод. Кога станува збор за децата, разводот е еднаков на семеен земјотрес и доколку во овој период на нивните потреби не се одговори соодветно, како што најчесто се случува, последиците ќе ги следат во текот на целиот живот.
Според Вас, на што се должи овој тренд?
Знаете како, разводи имало и ќе има секогаш. Овој тренд, како што велите Вие, од една страна е резултат на притисокот со кои се соочуваме сите ние во ова брзо темпо на живот. Притисок на работно место, притисок во сообраќај, притисок да се обезбеди поубав живот за децата. Возрасните се сѐ понервозни и сето тоа влијае и на домашната атмосфера и функционирање.
Од друга страна пак кај возрасните се повеќе се забележува намалената толеранција, трпение, неприфаќањето на туѓите мислења, ставови, немањето желба за промена, а најважно од сѐ отсуството на комуникација помеѓу брачните партнери.
Од моето секојдневно професионално искуство имам впечаток дека партнерите недоволно се слушаат. Постои голема разлика помеѓу слушање и активно слушање.
Бракот со себе носи премногу предизвици. Бракот бара нега, комуникација, секојдневно споделување, постојано инвестирање во него. Функционалност во бракот значи успех во надминување на предизвиците кои се менуваат од еден во друг животен циклус. Во секој брак доаѓа до криза. Не треба да се плашиме од таа криза, бидејќи тоа укажува на раст во врската. Растот во врската се случува кога брачните партнери се подготвени објективно да се погледнат себеси и да разберат кој е нивниот придонес или пак недостаток на придонесот во таа врска. Кога влегуваме во брачна заедница треба да сме подготвени и на промени.
Според мене и моето искуство како семеен и системски советник од голема важност е и партнерите да знаат да влезат во конфликт, да го прифатат како нормална појава и да учат како од него да излезат и да влезат во компромис. Кога партнерите не умеат да ја научат оваа фаза во бракот доаѓа до развод. Но, секако сакам да повторам дека во брак во кој има насилство, конфликти, губење на емоции кон партнерот не се останува. Секој од нас заслужува среќа, мир и спокој и во домот и во душата.
Особено сте гласни во однос на заштита на децата при бракоразводните постапки и отпосле, кога децата треба да продолжат да функционираат со разделени родители. Каква е вашата проценка за земјава (или главниот град) во овој поглед? Дали поголемиот број од родителите кои се разведуваат се одговорни кон децата? Дали можеби имате некои примери од пракса (позитивни и негативни), како децата се користат за свои лични интереси, и обратно, како всушност треба да се залагаат за децата да имаат најмала штета од овој процес?
Во однос на ова прашање, имам искуства и со родители кои се одговорни и внимаваат на децата низ процесот на развод. Има и родители кои се помалку одговорни кон децата низ овој процес. Не ги обвинувам родителите кои се помалку одговорни затоа што и за нив разводот е стресен период и во тој миг верувам дека тие го прават најдоброто што умеат за своите деца. Разводот е стресен и за партнерите и за децата.
Многу важно е кога ќе се донесе одлуката за развод на детето да му се објасни за ситуацијата на начин соодветен на неговата возраст, со потенцирање дека детето не е виновно, ниту е причина за несогласувањата помеѓу мама и тато. Разводот носи последици кај децата. Разводот за детето е загуба на едниот родител со кој бил по цели денови заедно. Затоа родителите треба да се потрудат убаво да објаснат.
Ставајќи ги децата во средина на нивните конфликти, свртувајќи ги децата против другиот родител нема да им помогне, напротив ќе донесе до психолошки проблеми кај децата. Знам дека разводот е тежок процес и за родителите, но важно е подеднакво учество во процес на воспитување на децата и по разводот. Позитивната комуникација и соработка помеѓу родителите после разводот им помага на децата да закрепнат и да се приспособат на новите околности. Не можеме да ги промениме случувањата, но можеме да ги промениме своите реакции. Здравата врска родител-дете има големо влијание за развој на децата и затоа децата треба да поминуваат доволно квалитетно време и со мама и со тато.
Кои се вашите главни совети, доколку можете да прецизирате – Што кога бракот е пред очигледен крај?
Она што сакам да сугерирам е дека кога еден фукнционален брак ќе стане нефункционален добро би било да се побара професионална помош доколку тој брак и двајцата партнери сакаат да го зачуваат. Има многу примери кога навременото доаѓање за стручна помош има ефект- подобрување на бракот и враќање на неговата функционалност.
Во случај кога одлуката за развод е донесена повторно треба да се побара стручна помош за себе, но и за децата. Мој прв совет е партнерите да сфатат и прифатат дека треба да се разделат како партнери, а не како родители.
Родителите треба да воспостават однос преку кои ќе избегнат ситуации во кои ќе се оправдува својата позиција префрлувајќи ја вината кон другиот родител. Често се соочувам со искази од еден од родителите „ Јас сторив сѐ што можев, но тој/таа е виновен‟ или „Доколку му/ ѝ значиме нема да замине и да нѐ остави сосема сами‟ „ Не остави сами тој/таа замина кај друг/друга“. Ваквите зборови пред децата во никој случај не се од корист ни за детето ни за возрасните.
За време на советување децата често прашуваат прашања од типот: „ Дали ако тато не ја сака мама/мама не го сака тато ќе престае да ме сака и мене?‟. За детето да нема страв од напуштање потребно е да се зборува со него и да му се објасни дека љубовта меѓу партнерите е различна од љубовта меѓу родителот и детето. Дека врската помеѓу родител - дете е многу посилна и дека и покрај тоа што понекогаш подолго време се физички разделени, сепак родителите постојано мислат на своето дете и го сакаат.
Следен совет би дала во однос на старателството и дозволените средби за гледање. Секое дете е подеднакво на мама и на тато. Најтешка одлука за децата е со кого ќе живеат. Најголем ризик се случува кај деца во предучилишна возраст и деца во адолесцентна семејна фаза.При одлука за старателство треба да се внимава на неколку значајни работи како што се: да се внимава да се прават помалку промени, да се овозможи почести контакти со родителот кој заминува од домот, да се направи договор за гледање родител-дете, на детето да му се објасни дека разводот не е негова вина, да им се каже и покаже на децата се сакани и после разводот.
Какво е вашето искуство во однос на психичкото здравје на децата денес, но и на возрасните, на родителите, со оглед дека и како земја сме познати по бројните корисници на антидепресиви?
Мојот став во однос на медикаментозна терапија е дека психијатрите ги знаат своите пациенти и со индивидуален пристап препишуваат соодветна терапија кога е таа неопходна. Корисно е кога терапијата со антидепресиви се комбинира со психотерапија или советување, со цел соочување со проблемот и работа со соодветни техники. Се соочувам со пациенти кои самоиницијативно ја земаат па ја прекинуваат терапијата, со што не се согласувам. Земањето на лекови по своја желба без консултација со доктор може да има контраефекти.
Какво е психичкото здравје на децата? Повеќе од 15 години работам со деца и затоа можам да кажам дека психичкото здравје на децата е онакво какво што е функционирањето во домот, границите, релациите, посветеноста, примерите за идентификација. Гласно говорам дека грижата за ментално здравје треба да се негува од најрана возраст. Децата подобро гледаат отколку што слушаат. Да не забораваме дека ние родителите сме пример за нашите деца. Пред да започнеме да даваме совети за грижата за ментално здравје треба да се запрашаме колку ние се грижиме за сопственото ментално здравје. Родителите имаат голема улога во зајакнување на менталното здравје кај децата.
Затоа родители доколку се грижите за менталното здравје на вашето дете еве неколку совети од мене:
-Потрудете се да поминувате квалитетно време со вашите деца, тие копнеат за вашето внимание и време. На децата им треба внимание, поддршка, прегратки и многу љубов
-Почитувајте ја индивидуалноста на децата, секое дете е посебно на свој начин, не споредувајте ги децата со нивните врсниците.
-Создадете безбедна и позитивна домашна средина, разговарајте гласно за чувствата поставувајте прашања, слушајте внимателно.
-Почитувајте ги емоциите, мислењата, ставовите на децата.
-Најдете време за себе. Бидете пример за вашето дете како да се грижи за сопственото ментално здравје. Зборувајте за себе, работете на себе и бидете среќни со она што сте.