Интервју со Момировска: Актуелизацијата на Преспанскиот договор носи одредена доза на загриженост

Двојните избори во Македонија се зад нас. Во пресрет на „дочекот“ на новата Влада, се сумираат впечатоците од изборот на граѓаните, но и се конкретизираат главните приоритети на народот кои треба да бидат примат на новата власт во земјава. 

Голема и убедлива предност на партијата на Мицкоски, историски момент - прва жена претседателка на државата, повторно тензично со соседна Грција и, главниот проблем на земјавата во изминатите децении - иселувањето со кое „очи в очи“ треба да се соочи новата Влада. 

За сето ова разговараме со Славица Момировска, магистер по политички науки - дипломатија и меѓународни односи. Таа беше учесник на 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов.

Поминаа двојните избори во земјава. Како ги оценувате изборните резултати? Очекувана ли беше толку голема предност за ВМРО-ДПМНЕ?

- Неодамна завршените избори во земјава ја отсликаа доста сложената политичка ситуација и динамика која преовладува во Македонија. Победата на ВМРО-ДПМНЕ со толку голема предност е повеќеслојна и е резултат на повеќе клучни фактори кои го обликуваа изборниот процес и конечните резултати. Оваа победа не само што ја потврди нивната позиција на водечка политичка сила во земјата, туку и ја истакна нивната способност да го мобилизираат гласачкото тело, успеаа да се претстават како партија која нуди стабилни и реално остварливи проекти што играше значајна улога во изборниот исход.

Второ, големата предност на ВМРО-ДПМНЕ, покрај другото, можеме да ја толкуваме како одраз на разочарувањто на граѓаните од актуелната владејачка коалиција предводена од СДСМ И ДУИ. СДСМ не успеа да ги реализира многу од своите предизборни ветувања, особено во однос на економските реформи и борбата против корупција.

Исто, одредени национални прашања и скандали внатре во земјава останаа нерешени, што создаде чувство на предавство и незадоволство кај граѓаните што резултираше со разочарување и губење на поддршката од нивните традиционални гласачи.

Особено критично за ваквиот изборниот резултат е ситуацијата со ДУИ, партија која владее 20 години. Под нивно водство земјата се соочи со бројни скандали и обвиненија за корупција и злоупотреба на власта. Долготрајното владеење на ДУИ донесе многу малку конкретни резултати, но многу обвиненија за криминал и злоупотреба на јавните ресурси. Сето ова предизвика масовно незадоволство кај населението, кое се изрази преку изборните резултати.

Нерешените случаи и политичките манипулации ја зајакнаа потребата за стабилност и праведност, што ВМРО-ДПМНЕ во случајов успеа да го капитализира. Трето, не може да се занемари ниту влијанието на надворешните фактори и геополитички контексти кои се одразуваат врз внатрешните политички процеси. Во овој случај ВМРО-ДПМНЕ успеа да го препознае стравот и несигурностите кај граѓаните со тоа што се покажа и се презентираше како стабилна и патриотска алтернатива.

Иако не може со сигурност да се предвиди, големата предност за ВМРО-ДПМНЕ не беше сосема неочекувана. Анализите на предизборните анкети и јавните мислења укажуваа на тренд кој сугерираше можност за ваков резултат. Сепак, важноста на овие резултати не лежи само во бројките туки и промените што тие можат да ги иницираат во идниот политички развој и управување на земјата.

Македонија за прв пат доби жена претседателка. Силјановска Давкова најави и поголем број на жени во политиката. Како го оценувате овој момент?

- Изборот на првата жена претседателка во Македонија претставува значаен и историски момент, кој ја отвора вратата за длабоки реформи во политичкиот пејзаж на земјата. Овој настан е многу повеќе од симболична победа, тој е катализатор за структурни промени кои го надминуваат половото прашање кон поширока инклузивност и еднаквост. Претседателката најавувајќи зголемен број жени во политиката, го потврдува својот реформаторски дух и ја отвора перспективата за ново политичко раководство кое е подготвено да ја промени динамиката на власта.

Оваа иницијатива не само што ги охрабрува жените да се вклучат во политичкиот процес, туку и испраќа јасна порака дека компетенцијата и способноста се клучни фактори за успех, без оглед на полот. Со оваа историска промена Македонија покажа дека цели кон вистински реформи.

Прашањето за Преспанскиот договор повторно се актуелизираше периодов. Има ли простор за загриженост повторно да се нарушат односите со соседна Грција?

- Актуелизацијата на Преспанскиот договор без сомнение носи одредена доза на загриженост во однос на можноста за нарушување на односите со соседна Грција. Од она што го истакна ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова прашање и од нивна перспектива, неопходно е да се признае дека македонскиот народ повеќе пати се чувствувал изневерен во однос на своите напори за приближување кон Европската Унија. Во контекст на Преспанскиот договор, ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека и покрај значајните компромиси направени од страна на Македонија, очекуваните придобивки, особено во однос на евроинтеграциите, не се реализирани на начин кој што го одразуваше вложениот напор. Токму овој аспект е клучен за разбирање на скептицизмот и резервираноста кон понатамошните чекори во оваа насока.

Но, нивниот став е јасен и како нова влада треба да демонстираат јасен и конструктивен пристап базиран на стратешки и национални интереси, но со поголема будност и одлучност во заштита на националните интереси.

Ова значи дека секој иден договор или политички чекор треба да биде резултат на внимателна анализа и јасна визија. На крајот, односите со Грција и европските интеграции треба да бидат управувани со истрајност и дипломатска вештина, истовремено обезбедувајќи дека македонскиот идентитет и интереси се заштитени и почитувани.

На што треба идната Влада да го стави акцентот за да се спречи иселувањето? Какви се прогнозите според Вас, кога би се виделе првите позитивни ефекти?

- Треба да постави акцент на неколку клучни области. Прво, економскиот развој и вработување. Потребно е создавање на квалитетни и добро платени работни места. Владата треба да инвестира во иновативни индустрии и да привлекува странски инвестиции.

Второ, образование и професионално усовршување. Подобрувањето на квалитетот на образованието и неговото усогласување со потребите на пазарот на трудот е од клучно значење. Обезбедувањето на работни места базирани на професионализам ќе создаде поволна работна средина и ќе ги задржи способните и амбициозните луѓе во земјава.

Трето, подобрување на условите за живот. Ова вклучува сериозни реформи во здравството, социјалната заштита, инфраструктурата и јавните услуги. Подобрувањето на квалитетот на живот и обезбедувањето на пристојни услови за работа и живот исто би ја намалила потребата за иселување.

Првите позитивни ефекти од овие мерки би можеле да се видат во рок од неколку години, доколку се имплементираат систематски и посветено. Но, за трајно задржување на населението, потребни се континуирани напори и стабилни политики кои ќе овозможат долгорочен развој и просперитет на земјата.