Вербална расправија поради ископ на песок во Сарај заврши со пукање, но, за среќа, нема повредени.

Според информациите од МВР, до инцидентот дошло кога двајца жители на селото Бојане и еден од селото Мала Речица почнале да се расправаат поради ископ на песок од река на парцела што била во сопственост на едното од трите лица.

На местото пристигнале уште двајца, од кои едниот извадил пиштол и почнал да пука, напрво во воздух, а потоа и кон тројцата кои ја почнале караницата, но не ги погодил.

По пукањето тие побегнале, а тројцата побарале лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“.