Расчистени 77 паднати дрва, се чистат паркинзи - екипите на терен втор ден по невремето

Надлежните екпипи од Град Скопје и натаму на терен расчистуваат по невремето од пред два дена. 

Утрово вработени хигиеничари од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, беа ангажирани во акција на расчистување на паркинг просторот со кој стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје кај Градска болница, како и кај Тутунски комбинат. 

Екипите на ЈП Паркови и зеленило веднаш по невремето кое го зафати Скопје излегоа на терен заради расчистување на паднати гранки и дрвја и овозможување на нормално функционирање на градот.

Освен секторот Дрвореди, во првите денови по невремето, во активностите на расчистување на градот се приклучија и работниците од секторите Вонградско зеленило и Градско зеленило.

Досега се интервенираше на вкупно 64 локации при што беа расчистени вкупно 77 паднати дрвја и 25 искастрени скршени гранки. 

Сеуште во претпријатието стигнуваат нови пријави за паднати дрвја така што со активностите ќе продолжиме и во наредните денови се до целосно расчистување на последиците од невремето, велат оттаму.