Европското движење во Република Македонија во партнерство со Делегацијата на Европската унија во државава традиционално го одбележуваат Европскиот ден на знамето.
Настанот започнува утре, в сабота во 9 часот пред Инфо-центарот на Европската унија во Скопје каде што се врши размена на знамињата на Република Македонија и Европската унија по што колона од планинари ученици и активисти на граѓанските организации ќе се упати кон врвот на Водно и ќе ги постават двете знамиња.
Со над 8.500 учесници од 51 држава од светот Виз Ер Скопски маратон повторно ги сруши границите на конвенционалното и од година во година тој станува еден од најпосетуваните и најинтересните настани во Македонија.
Од организацијата информираат дека подигнувањето на стартните пакети за Виз Ер Скопскиот маратон 2017 ќе биде на 5ти и 6ти мај во Парк Хотел и Спа од 10 до 19 часот.
Насловниот спонзор на маратонот, Виз Ер, на секој учесник му доделува и вредносен ваучер од 20 ЕУР кој може да се искористи преку www.wizzair.com.
Во склоп на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 06.05.2017, во 10.00 часот на кеј на реката Вардар, позади Парк Хотел и Спа. Партнери на Детскиот мини маратон се Македонски олимписки комитет и УНИЦЕФ.
Во селото Ново Село, веднаш до црквата „Свети архангел Гаврил“, в недела ќе се одржи првиот коњички турнир на општина Ѓорче Петров, „Златна потковица“.
Во рамките на турнирот ќе има натпревар на коњи во влечење трупци, изложба на коњи и галоп трки.
Општината Ѓорче Петров ги повикува сите заинтересирани за учество, како и за сите љубители на овие коњички спортови.
Во Младинскиот културен центар почна годинешново издание на Фестивалот на Креативни Индустрии – „Скопје Креатива“ кој ќе трае до 6 мај, сабота, 2017 година.
„Скопје креатива“ станува омилен урбан културен настан во градов на кој публиката повторно, и оваа година, ќе има можност за прв пат да ги види уникатните дизајнерски решенија на многубројни македонски компании и самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а од кои нашето општество има индустриски и економски бенефит.