Покрај скелети, човечки органи и оружје, кои сведочат за најгрозоморните убиства во Македонија, во Музејот на криминалистиката  во Центарот за обука во Идризово се изложени и фетуси што биле фрлени во двор во Крушево, препарираната мајмунка Милева што грабнала бебе во Градскиот парк во Скопје, чамецот направен без ниту една шајка и полн со динамит со кој 16-члено семејство избегало од Поградец во Охрид и дупчалката со која е извршена една од најголемите кражби во историјата на Југославија.

Мајмунката Милева што грабнала бебе во Градскиот парк во Скопје

Десетина дена пред земјотресот во Скопје во 1963 година, на мајмунката Милева во Зоолошката градина ѝ починало младенчето. Таа успеала да избега од кафезот, ја прескокнала оградата на Зоолошката и од количка во Градскиот парк украла десетмесечно бебе. Откако го грабнала бебето, се качила на дрво држејќи го детето во прегратки, најверојатно за да ја надомести загубата на нејзиното малечко.

Дресерите од ЗОО ја убедувале Милева да се спушти од дрвото и да го врати бебето, но таа не ги послушала. На крајот била застрелана, а бебето неповредено било пречекано во пожарникарско платно. Скопјанката, односно бебето што било киднапирано, денеска е возрасна жена, дошла во Музејот за да ја види Милева.