Презентација на визуелниот уметник Синиша Илиќ во МСУ - Скопје

Денеска, со почеток во 13 часот, со физичко присуство, во Музејот на современа уметност – Скопје, презентација ќе одржи визуелниот уметник од Србија, Синиша Илиќ.

На оваа средба со публиката, уметникот ќе го презентира своето творештво и ќе одржи интерактивен разговор со присутните. Разговорот со уметникот ќе го води Тихомир Топузовски, а влезот е бесплатен.

-Синиша Илиќ е визуелен уметник од Србија, кој во неговата работа вклучува цртежи, слики, инсталации, перформанси и видеа. Уметничката пракса на Илиќ тематски ги адресира општествените феномени и механизми, истражувајќи ги формите на оштествениот труд, насилството, социјалните немири, тензии како и состојбите на неизвесност. Илиќ е ко-основач на платформата за уметност и теорија од Белград, ТКХ (Теорија која хода 2000-2017). Синиша Илиќ е еден од 8-те меѓународно познати уметници, кои се вклучени во претстојната изложба на МСУ – Скопје во престижниот простор Кунстхале во Виена (кој е дел од Музеум Квартиер), каде во почетокот на следната година ќе биде претставена за првпат селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност - Скопје. Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност - информираат од МСУ за уметникот.