„Празна торба, со 120 денари не можеме да го поминеме денот“, порака на пензионерите до Велковски

„Празна торба. Немам пари да купам и да ја наполнам. Не да ја наполнам, да ставам барем лепче и оваа вечер така ќе седам. Еве ја празната торба. Со 120 денари не можам да го поминам денот“, рече еден од пензионерите од Неготино, револтиран на покачувањето на пензиите од 5 %.

Ваквиот став го истакнаа голем дел од пензионерите од општина Неготино на средба со техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.

„Кога буџетски средства, пари на граѓаните, се трошеа на други работи во изминатите седум години, нормално е да нема пари за пензионерите“, смета Велковски.

„Овие мизерни 5 % сега во април што треба да ги добиете, како тие што го нарекуваат, покачување, тоа нема врска со покачување, туку е усогласување на пензиите. Кој сака нека ме коригира, јас стојам на ставот што сум го донел – дека 5 % на пензиите што ги примате тука во најголем дел во оваа просторија, а претпоставувам дека имаат под минималната, под 20.000, да не кажам дека тука има луѓе што примаат 13, 14 или 15.000 денари. И такви ве има многу. Затоа сум исправен денеска и зборувам искрено пред вас“, рече министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, пред пензионерите од Неготино.