Православните денеска го слават празникот Свето Благовештение – Благовец

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска се одбележува празникот Благовештение.

Празникот се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, или на 25 март според стариот календар. 

Празникот Благовештение, уште нарекуван Благовец, е еден од најголемите празници на Христовата Црква. Тоа е момент кога се слави веста за повторното воспоставување на единството на Бога и човекот.

Момент кога пред нас повторно се отвораат еднаш затворените врати на вечниот и блажен живот.

Празникот е конкретно поврзан со оној настан кога архангелот Гаврил и ја соопшти веста на девојката Марија дека ќе зачне со силата на Светиот Дух и ќе го роди Христос, исцелителот и спасителот на човештвото, кој повторно ќе ја отвори можноста за вечен живот во постојана заедница со Бога, можност што човекот ја изгуби кога наместо Бога го одбра гревот и наместо животот – смртта. 

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот.

Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце, слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Денеска честитајте именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, Баже, Блага, итн.