Пожар во соседна Грција: Огнот го парализира островот Родос

Илјадници туристи на Родос беа принудени да си го скратат одморот на застрашувачки начин и во моментот се обидуваат да се вратат дома бидејќи огромен пожар го пустоши островот. Тоа ја предизвика најголемата евакуација досега во Грција.

На социјалните мрежи беа објавени видеа, на кои се гледа хотел пред и по пожарот.

Додека чекаат превоз до дома, цели семејства се принудени втора ноќ по ред да ја поминат на аеродромот и во спортските сали. Отежнувачки околности се температурите, кои достигнуваат до 45 Целзиусови степени.

Социјалните мрежи се преплавени со видеа од шокантни моменти, кои туристите и локалните жители ги доживеале на островот во последните неколку дена, пишува „Прототема“.

Седум дена по избувнувањето на првиот пожар, Родос сѐ уште гори, а пожарот се проширил и на источниот дел на островот.