Потпишан договор за изградба на Бас Рапид Транзит превоз во Скопје

Министерството за финансии, Градот Скопје и Европската банка за обнова и развој денеска потпишаа договор за заем во износ од 70 милиони евра за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз во Скопје. Со овој договор, официјално почнува постапката за изградба на брз и одржлив јавен транспорт, чија цел е намалување на сообраќајниот метеж, но и намалување на аерозагадувањето.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција истакна дека со  потпишувањето на договорот и стартот на постапката се остварува и унапредува 40 години стариот сон на скопјани.

Скопје, како што рече, е првиот град на Балканот кој ќе го изведе овој систем, што според скопскиот градоначалник, не е само успех за градот, туку е успех за целата наша држава.

-Скопје од денес започнува да добива брз, одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен што ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж а со тоа ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подметнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје, рече Шилегов.

Проектот опфаќа воспоставување на две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров во Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,80 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во иднустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал..

Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно.Со имплементација на првата фаза се очекува времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти.

Заемот од ЕБОР  од 70 милиони евра ќе биде во две транши. Првата транша во износ од 47,6 милиони евра за финансирање на линија 1, односно исток-запад, и втората транша во износ од 22, 4 милиони евра за финансиркање на линија 2 односно од југ до север.