Поевтин роаминг и дигиталното поврзување

Намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, заеднички пристап  за подобар широкопојасен интернет, меѓусебно признавање на дигиталните печати како и побрз дигитален влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ се главните фокуси на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан кој денеска и утре се одржува во Скопје.

Заедно со мојот тим работиме силно да ја изработиме Дигиталната агенда за Западен Балкан, која е дел од стратегијата на ЕУ за проширување за Западен Балкан 2025. Таа ќе биде презентирана на ЕУ самитот наредниот месец во Софија, Бугарија, најави еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.

Според Габурел роамингот не е само неопходност, туку и важен стимул кој е од корист и за бизнисите и за граѓаните.

 Ја поздравувам иницијативата за намалување на цените. Ова е сложена тема за која на ЕУ и требаа речиси 10 години да ја оствари. Но, мораме да овозможиме пад на цените за роамингот на Самитот во Софија во мај – рече Габриел.

Според неа мобилизација на јавната администрација, зајакнување на компјутерската безбедност, компјутерската и медиумската писменост е она што го бара дигиталното општество и кон што треба да се насочат активностите.

Образованието и стекнувањето на дигитални вештини е она што еврокомесарката исто така го потенцираше бидејќи е од клучно значење и за економијата. Како што наведе, 44 отсто од работоспособното население над 16 годишна возраст во Европа не поседуваат дигитални вешти, а од друга страна 40 отсто од фирмите бараат специјалисти за информатички технологии – рече таа.

Според планот на ЕУ, како што најави Габриел, до 2025 година интернет-инфраструктурата и распоредот на услугите би требало да биде таков што владите и сите институции ќе имаат интернет-конекции кои ќе се мерат во гигабајти. Во тој процес на дигитализација, посочи таа ќе биде вклучен и Западниот Балкан. Во насока на дигиталната инфраструктура еврокомесарката ја нагласи и потребата од намалување на разликите меѓу руралните и урбаните средини.

Порај Габриел, на отворањето Самитот присуствуваат косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Дениз Звиздиќ, заменик премиерката на Албанија, Сенида Меси, министри за економија, за информатичко општество на земјите од Западен Балкан, многу политичари и амбасадори.

Со поздравен говор на учесниците се обрати и премиерот Зоран Заев. Тој на гостите им посака добредојде, како што рече, во земјата која прва во светот во 2005 година беше препознаена како ви-фи земја. Овој Самит, како што рече премерот, има повеќе аспекти, еден од нив се однесува и на економијата за која и тој посвети дел од својот говор.

Дигиталната револуција ги отстрани границите во светот. Новите технологии силно влијаат на животот на малите и големите претпријатија, а оние кои ќе ги искористат ќе бидат конкурентни на пазарот – рече Заев.

Зборуваше и германскиот министер за економија и енергија на Германија Томас Береис, кој меѓу другото ја истакна потребата стартапите, малите и средните претпријатија да ја сфатат можноста која им ја дава дигиталната револуција и да ја искористат. Ја потенцираше и потребата образовниот систем да одговори на потребите од стекнување на дигитални вештини.

Македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пак, во дел од неговото обраќање кажа дека за првпат дигиталната трансформација се наоѓа толку високо на политичките агенди што значи дека и политичарите се промениле. Тој порача без разлика на сите истористи и други предизвици и разлики, сите земји од Балканот треба да бидат заедно и да направат нешто, ако сакаат да стигнат далеку.

Од овој дводневен самит во Скопје се очекува да произлезе заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигиталните потписи и печати.

На него присуствуваат претставници на ЕУ, владите од Западен Балкан, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница.