Поднесени 4 прекршочни пријави за неправилно одложување комунален отпад во Скопје

Инспекторатот на Град Скопје, покрај засилените контроли, организираше и  дежурства на градските комунални редари на локацијата спроти трговскиот Ист гејт мол, каде што изминатиов период од несовесни граѓани континуирано неправилно се одложува комунален отпад и се создаваат диви депонии.

Градските комунални редари деновиве на самото место затекнаа 4 сторители и против истите се поднесени соодветни прекршочни пријави. Екипи на ЈП Комунална хигиена веднаш го подигнаа отпадот, а просторот е целосно исчистен.

-Апелираме отпадот да се одлага во садови наменети за комунален отпад во спротивно ќе следаат соодветни санкции согласно со Законот за јавна чистота. Секое исфрлање на отпад на јавни површини претставува кршење на Законот за јавна чистота и директно ја загадува околината, велат од Град Скопје. 

Дежурствата на Инспекторатот на Градот продолжуваат и во наредниот период на целата територија на град Скопје, информираа надлежните.