Почна зазеленувањето на Скопје - засадени 3.500 дрвца низ градот

Почна големата есенска акција за зазеленување на градот во чии рамки ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини. Приоритет е ставен на обновување на постојните дрвореди во градот и подигање нови во Ѓорче Петров и на Бит-пазар.

– Во Скопје по градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки (остаток од пресечено или паднато дрво) во постојните дрвореди кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници. Најголем број од пенушките ќе бидат заменети на булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов”, каде што ќе бидат заменети вкупно 49 – информираат од Град Скопје.

Оваа есенска акција Градот Скопје ќе ја реализира заедно со сите скопски општини кои во неа ќе учествуваат со свои работници, механизација и садници.